gle.ovo.

Неуспех на политичките кампањи 2009

Резултатите се такви какви што се. Тоа што мене ми фати око е споредбата помеѓу анкетите и фактичките изборни резултати за претседател на државата. Нормално, ќе се дебатира за отстапувањата и распоредот на кандидатите, но веројатно е дека сите ќе најдат доволно добро објаснување за грешките. Во просек – ниту една организација значајно не ги утнала резултатите, а ИДСЦС излегоа со најмала грешка.

Но сите агенции значајно ја промашија проекцијата за излезност на гласачите. Процентот на излезени гласачи, според последните неофицијални извори на Државната изборна комисија се движи околу 58%. Најконзервативната проценка за излезност која некоја од агенциите ја пласираше пред избори беше излезност од 67% што е значајна разлика од фактичкиот резултат. Ако се има предвид дека ова отстапување се појавува кај сите, тезата која се наметнува е дека дел од оние кои на анкетите се изјасниле – не излегле на избори. За да го прибележат овој ефект, истражувачите ќе треба да вградат во своите прашалници нови променливи, за да можат да ги разликуваат сигурните од несигурните гласачи.

Како и да е, најзначајниот заклучок кој може да се изведе од постоечките резултати е дека состојбата регистрирана и од почетокот на февруари, не се разликува значајно од фактичките резултати на изборите. Промените и разликите кои агенциите ги регистрираа се најверојатно дел од статистичките грешки, отколку реални промени на гласачките преференци. Тоа и се покажа на избори.

Што тоа значи?

Целта на секоја политичка кампања е мобилизирање на неопределените гласови. Успешната кампања ќе привлече дел од неопределените и тие ќе излезат на гласање. Тоа во Македонија не се случи. Гледано на национално ниво, гласачите кои пред почетокот на изборната кампања биле неопределени, останале неопределени и не излегле на гласање. Кампањите не успеале да ги привлечат. Тоа е неуспех за секоја кампања, гледано од аспект на изборниот процес. Можеби некој од кандидатите имал друга агенда со тоа што излегол на избори, но тоа не е дел од оваа анализа.

Ниту една кампања не успеа да привлече значајно поголем број на гласови за себе во текот на предизборието. Значи, да скратам, сите милиони евра кои се потрошија овие избори на кампањи (а лимитот за трошоци оваа година пропишан со закон се зголеми) се залудно потрошени пари.



Comments are closed.